МВР: Нема ништо спорно ако сопственикот на „Дурмо турс“ преку друга своја фирма вршел технички преглед

Министерството за внатрешни работи, за Макфакс“ велат дека законски, нема ништо спорно во тоа што сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, во исто време е сопственик на станица за технички преглед која ја испитувала исправноста на автобусите. Според МВР, спорно би било доколку станица за технички преглед врши проверка на сопствените возила, односно ако тие се од иста фирма.

Ваквите одредби оставаат можност две различни фирми, но со ист сопственик, да можат да поседуваат возила преку едната фирма, а да им им вршат технички преглед на истите преку друга фирма.

„Согласно одредбите од Законот за возила, правното лице ‘АМЗ Гостивар’ не може да врши технички преглед на сопствените возила, но може да врши технички преглед на возила сопстевност на друго правно лице“, велат од МВР за „Макфакс“.

Во случајов, возилата се регистрирани како сопственост на туристичката агенција „Дурмо турс“, а фирмата „АМЗ Гостивар“, со ист газда, е задолжена за нивниот технички преглед.

МВР велат дека вршеле контрола врз станицата за технички преглед „АМЗ Гостивар“, а последниот бил во август минатата година. Тие не прецизираат дали утврдиле прекршување на законот при извшениот увид.

„Станицата за технички преглед на возила „АМЗ Гостивар“ – Гостивар е посебен правен субјект кој е овластен да врши технички преглед на возила и согласно добиеното овластување, имајќи ги предвид одредбите од законот, за секој извршен преглед на возило издава Потврда за техничка исправност на возило“, додаваат од МВР.

Согласно одредбите утврдени во член 81 од Законот за возила,  МВР е надлежно да врши надзор и контрола над исполнетоста на условите за работа и над работата на Станиците за технички преглед на возила.

Директорот на Државниот инспекторат за транспорт, Руфат Хусеини, претходно за „Макфакс“ изјави дека немаат ингеренции врз станиците за технички преглед.

„Во нашиот закон не е обработено дали еден газда може да има станица за технички преглед и истовремено да биде превозник. Кај нас во законот стои дека ние при контролите треба да утврдиме дали возилото е регистрирано и дали е извршен технички преглед. Такви документи при контролите утврдивме дека ‘Дурмо турс’ има. Станиците за технички преглед се обврска на Министерството за внатрешни работи“, рече тој.

Во меѓувреме, сè уште трае истрагата за причините за катастрофалната автобуска несреќа на автопатот Скопје – Тетово, каде што животот го загубија 14 лица. Засега се знае дека шоферот не бил под дејство на дрога или алкохол, а ќе се испитува дали тој евентуално зборувал на мобилен телефон додека возел.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

15.02.2019 - 22:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега