Министерството за внатрешни работи ја објави листата на прекршоци кои се санкционираат преку системот „Безбеден град“, како и висината на предвидените глоби. Целта на овој проект е зголемување на безбедноста во сообраќајот и доследна примена на законите.
За пребрзо возење во населено место, казните се движат од 15 евра за надминување до 10 km/h, па сè до 300 евра и забрана за управување до една година за оние кои возат над 30 km/h од дозволеното. Надвор од населено место, казните се движат од 20 до 300 евра.
Поминувањето на црвено светло чини 250 евра и губење на дозволата до една година. Непрописното паркирање на пешачки премини, тротоари или зелени површини ќе ги чини возачите од 25 до 180 евра, додека за нерегистрирано возило глобата достигнува 500 евра.
Од МВР потсетуваат дека доколку казната се плати во рок од 8 дена, сумата се преполовува. Истото важи и за забраната за управување возило, која во тој случај се изрекува во половина од пропишаниот рок. „МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, за поголема лична и општа безбедност“, велат од министерството.

