Шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски, денеска престојува во работна посета на Загреб, на покана на неговиот хрватски колега Гордан Грлиќ Радман. Главна цел на средбата е унапредување на билатералните односи и подготовка за потпишување на клучниот Договор за стратешко партнерство меѓу двете земји.
Како што информираат од МНРиНТ, двајцата министри ќе разговараат за продлабочување на соработката во секторите енергетика, здравство, култура и туризам. Посебен акцент ќе биде ставен на економската соработка и новите иницијативи за развој во сферите од заемен интерес.
Европската агенда на Македонија останува во центарот на вниманието. Муцунски и Радман ќе дискутираат за перспективите за динамизирање на преговорите со ЕУ, при што ќе се разгледа и подготвеноста за користење на хрватските искуства во процесот на полноправно членство.
Министрите ќе разменат мислења и за безбедносната соработка во рамките на НАТО, како и за влијанието на регионалните и глобалните случувања врз Западен Балкан.
Во рамки на посетата, Муцунски ќе има свое обраќање и на IDU Форумот, каде ќе говори на панелот под наслов: „Заборавената граница: Западен Балкан и незавршеното ветување на Европа“.


