Министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски, денеска информираше дека земјите од регионот, во координација со Европската Унија, работат на изнаоѓање решенија за намалување на метежот на граничните премини. Овој проблем е најизразен за време на летните месеци кога фреквенцијата на патници е значително зголемена.

Според Муцунски, во тек се интензивни преговори на повеќе нивоа за да се олесни протокот на копнените граници.

„Ние како земји од регионот комуницираме и заедно со Европската Унија работиме на овој сериозен предизвик. Забележав и обид темава да се претвори во естрада во соседна Србија, односно естраден пристап, бидејќи се случува голем метеж на граничните премини, особено на копнените“, изјави Муцунски.

Министерот потврди дека постојат дискусии во рамките на разни шеми на ЕУ кои го опфаќаат Западен Балкан. Иако сè уште нема конечен официјален одговор, тој очекува видливи резултати веќе ова лето.

„Очекуваме во летниот период, кога ќе има периоди на зголемен метеж, да се преземат соодветни мерки. Во овој момент официјално никој нема добиено одговор и затоа не можам ништо конкретно да споделам. Но можам потврдам дека имаме разговори, и на највисоко ниво и на техничко-административно ниво, и дека постои подготвеност од земји членки на Европската Унија да покажат флексибилност кон регионот“, додаде тој.

Муцунски упати критика до одредени политички кругови во соседството, оценувајќи дека пласираните информации во јавноста често претставуваат само „политичка естрада“ на која треба да се гледа со голема внимателност.

Exit mobile version