Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој синоќа беше реизбран за член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, порача дека новата организациска поставеност на партијата ќе донесе дополнителна енергија во нејзиното дејствување. Преку својот Фејсбук профил, тој упати благодарност до претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, за укажаната доверба.
Муцунски истакна дека е вистинска одговорност да се биде дел од телото кое ги штити националните интереси. „Убеден сум дека новата организациска поставеност ќе донесе дополнителна енергија и кохезија, бидејќи силна и стабилна партија е важен предуслов за силна и стабилна држава“, стои во неговата објава.
Тој потсети дека во изминатиот период, како потпретседател на партијата, бил дел од значаен политички циклус во кој ВМРО-ДПМНЕ прерасна во водечка политичка сила во земјата. Муцунски најави дека и во иднина ќе продолжи со максимална посветеност да придонесува кон реализација на програмските определби.

