Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, кој се одржа во седиштето на Алијансата во Брисел.

Како што информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ), на агендата на министрите биле имплементацијата на одлуките донесени на неодамнешниот Самит во Хаг, зајакнувањето на колективната одбрана и одговорот на современите безбедносни предизвици.

Во своето обраќање пред сојузниците, министерот Муцунски ја нагласил клучната важност од долгорочен и стратешки пристап на Алијансата. Тој посочил на потребата од единство меѓу земјите членки во насока на одржлива политичка волја, фер распределба на товарот и колективна посветеност кон целите на НАТО.

Муцунски исто така укажал на потребата од заеднички пристап за постигнување долгорочно и заемно прифатливо мировно решение, преку конструктивниот дипломатски процес отпочнат од САД и Украина, со поддршка на партнерите.

Од Министерството соопштуваат дека министерот истакнал оти Западен Балкан треба да остане во засилен фокус на НАТО и ЕУ. Тој нагласил дека ваквиот усогласен и стратешки ангажман ќе придонесе за зачувување на мирот, стабилноста и безбедноста во регионот, како и за поддршка на целосната интеграција на земјите од регионот во европските и евроатлантските структури.

Exit mobile version