Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска се обрати на Македонско–јапонскиот бизнис форум, организиран од Амбасадата на Јапонија во Скопје. На настанот учествуваат повеќе од 150 претставници од бизнис-заедницата, а во негови рамки се одржуваат и B2B средби за вмрежување и директна соработка меѓу компании од двете земји.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи важноста на продлабочувањето на економската соработка меѓу двете држави и истакна дека традиционално добрите билатерални односи треба да се преточат во уште поинтензивна деловна соработка.
„Нашите две земји имаат традиционално одлични и пријателски односи, изградени врз основа на меѓусебна почит, доверба и поддршка. Но пријателството само по себе не е доволно – партнерствата мора да носат и конкретни резултати“, истакна министерот Муцунски.
Тој посочи дека актуелната трговска размена меѓу двете земји изнесува околу 140 милиони долари годишно, што претставува добра основа, но е далеку под потенцијалот што го нудат двете економии.
Муцунски нагласи дека земјата нуди стабилна економска средина, отворен и конкурентен пазар, како и силна институционална поддршка за странските инвестиции и иновациите, при што ја потенцираше и стратешката географска позиција, квалификуваната работна сила и посветеноста на економските реформи.
„Она што е најважно не е само инвестицијата, туку партнерството – партнерство меѓу бизнисите, меѓу иноваторите и меѓу две земји кои веруваат во отвореност, соработка и заеднички просперитет“, нагласи министерот.
Тој оцени дека во услови на брзи трансформации во глобалната економија, продлабочената соработка меѓу јапонските и македонските компании може да отвори нови можности во области како технологијата, производството, зелената транзиција и напредните индустрии.
Министерот Муцунски истакна дека Владата останува посветена на подобрување на бизнис-климата, олеснување на инвестициите и поддршка на нови економски партнерства, со цел иницијативите и контактите воспоставени на форумот да прераснат во долгорочни успешни деловни приказни.
Македонско–јапонскиот бизнис форум претставува важна платформа за поврзување на компаниите од двете земји, размена на идеи и отворање на нови можности за инвестиции и економска соработка.


