Министерството за надворешни работи и надворешна трговија потврди дека Македонија нема да ја прифати понудата од Бугарија за итна испорака на мазут. Одлуката следува по вчерашниот телефонски разговор меѓу министерот Тимчо Муцунски и неговиот бугарски колега Георг Георгиев.

Муцунски му се заблагодарил на Георгиев за понудената поддршка, но истакнал дека домашниот енергетски систем во моментов е стабилен и нема потреба од дополнителен увоз по овој основ.

„Утрово беше остварен телефонски разговор меѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за надворешни работи на Република Бугарија, Георг Георгиев. Министерот Муцунски изрази благодарност за понудената помош, при што нагласи дека во моментов нема потреба од дополнителна поддршка, бидејќи состојбата е стабилна“, информираат од МНР.

Дополнително, министерот Муцунски во разговорот потенцирал дека Македонија е подготвена реципрочно да ѝ помогне на Бугарија доколку соседната земја се соочи со слични енергетски предизвици. Кризната состојба со мазутот беше прогласена поради блокадите на грчките земјоделци кои го оневозможија редовниот увоз за потребите на ТЕЦ „Неготино“.

Exit mobile version