Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје ќе ја пречека министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали. Ова е нејзина прва официјална посета на нашата земја.
На средбата е предвидено двајцата министри да разговараат за актуелните политички состојби во двете држави, како и за билатералните односи и соработката. Посебен фокус ќе биде ставен на можностите за нивно понатамошно унапредување во сите области од заемен интерес.
Програмата предвидува тет-а-тет средба меѓу Муцунски и Спиропали, по што ќе следува и билатерална средба меѓу делегациите на двете министерства. По завршувањето на разговорите, предвидена е заедничка прес-конференција за медиумите.

