Муцунски: Буџетот за 2022 година фокусиран за раст и развој на Аеродром

Советот на Општина Аеродром на денешната четврта седница го усвои Буџетот на Општината за 2022 година, скроен според потребите и барањата на граѓаните, информираат од Општина Аеродром.

Обраќајќи се пред советниците, градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, истакна дека буџетот е скроен со многу труд и посветеност, детално анализиран и реален.

– При изработката на буџетот се погриживме да се заснова исклучиво врз барањата на граѓаните и решавањето на најгорливите проблеми кои со години ги мачат аеродромци. Се потрудивме да ги покриеме сите сегменти, без притоа кој било да биде исклучен, да се фокусираме за раст и развој на Аеродром како целина, изјави Муцунски.

Осврнувајќи се на приоритетите за новата година, тој ги посочи проектите кои директно ќе придонесат кон подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.

Станува збор за конечно донесување на деталните урбанистички планови за Горно и Долно Лисиче, реални и одржливи инвестиции во екологијата и заштита на животната средина, големи вложувања за подобрување на условите во воспитно-образовните институции, соодветно насочување на средствата за спортот, развојот и поттик на талентирани спортисти, како и воспоставување уникатен систем со НУЛА корупција. Со ова, како што беше наведено, се очекува да се постават нови високи стандарди за водење на институциите во државата.

– Се радувам на годината што доаѓа, затоа што со себе ќе донесе за нас многу работа, а за аеродромци многу проекти што ќе им овозможат подобар живот“, порача градоначалникот.

За крај, градоначалникот ги повика сите советници, без оглед од која политичка опција доаѓаат, како избрани директно и непосредно од граѓаните, да ја прифатат одговорноста и со заеднички сили и заемна соработка да дојдат до успешни резултати. 

30.12.2021 - 19:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега