Рускиот парламент усвои законски измени со кои значително се зголемува даночната стапка за лицата и организациите означени како „странски агенти“ – статус што властите го користат за таргетирање на опозицијата и критичарите на режимот, пренесе ДПА. Според новите правила, наместо досегашните 13 до 22 проценти, овие лица ќе плаќаат највисока стапка од 30 проценти.

„Оние кои ја предадоа нашата земја, не треба да добиваат даночни олеснувања“, напиша претседателот на Државната дума, Вјачеслав Володин, на Телеграм.

Терминот „странски агент“ во Русија се применува од 2012 година и служи за стигматизација на опозициски личности, активисти и независни организации. Со низа законски измени во изминатите години, Министерството за правда повеќе не мора да докажува дека означените лица добиле странско финансирање за да бидат ставени на списокот, наведува ДПА.

Во моментов, повеќе од 1.000 организации и поединци се класифицирани како „под странско влијание“. Статусот носи сериозни последици: забрана за кандидатура на избори, забрана за работа во државните институции и ограничувања на приходите од кирија, камати на штедни влогови, како и од авторски или други интелектуални приходи.

Секое јавно истапување, вклучително и објави на социјалните мрежи, мора да содржи јасна ознака дека лицето е „странски агент“. Непочитувањето на оваа обврска носи високи парични казни.

Exit mobile version