Морачанин за МИА: Ќе бараме закон за формирање енергетски задруги и за компаниите и за граѓаните

Партијата ДОМ во следниот период ќе промовира и ќе бара усвојување законско решение со кое ќе се овозможи енергетска демократија, односно формирање енергетски задруги или кооперативи по модели што се прифатени во некои европски земји како Германија и Данска. Претседателката на партијата и пратеничка Маја Морачанин во интервју за МИА истакнува дека граѓаните и компаниите треба да ги ползуваат Сонцето и ветерот што ќе влијае позитивно на нивниот буџет.

-Ние веќе сме во контакт со зелените од таму за да ги прилагодиме решенијата за наши услови, бидејќи нас ни е идејата, да, во Македонија да се произведува електрична енергија од Сонце и од ветер, но тоа да не биде само за бенефит на големите бизниси и компании, туку ние сите како граѓани да имаме бенефит од она што природата тука ни го дала, а Сонце имаме во изобилство. Така што, тоа секако ќе влијае позитивно и на буџетот на секое домаќинство, а ќе биде и во интерес на фирмите, вели Морачанин.

Претседателката на ДОМ бара да се овозможи топланите во Скопје зимава да работат само на гас за да не се дозволи градот, кој и онака е на листата на загадени градови, да биде уште позагаден, а граѓаните да се соочуваат со здравствени проблеми.

Во интервјуто за МИА, Морачанин, чија партија е дел од владината коалиција, кажува дека тие се уште не се информирани за разговорите на премиерот Димитар Ковачевски со Алијанса на Албанците за влез во Владата, дека остануваат на истиот став за уставните измени освен други народи да нема други прашања за менување на Уставот, како и дека сега не е време за парламентарни избори.

Морачанин зборува и за негативните забелешки за политичкиот дијалог и за состојбата во Парламентот и потенцира дека сите пратеници треба да се одважат и да работат во интерес на граѓаните.

-Тоа мора да произлезе од дејствувањето на пратениците и на пратеничките групи, сите да се одважиме и да работиме во интерес на граѓаните, да ги оставиме овие партиски дневно политички игри настрана, бидејќи како што спомнав, граѓаните тоа го очекуваат и тоа го бараат. Ова што во изминатиов период се случува во Собранието, таков начин на дискусија со лични етикетирања, со навреди, дури со говор на омраза, и тоа е нотирано, еве да се поврзам на Извештајот на ЕК, нотирано е дека политичари употребуваат дискриминирачки говор на омраза кон ЛГБТ и луѓето. Тоа е недозоволиво, а сите зборуваме за човекови права, за европеизација на општеството, за демократија итн, рече Морачанин.

Ние како политичари, додава таа, придонесуваме за оваа состојба и главната одговорност јас ја гледам кај политиачрите.

-И потоа тоа се пренесува преку медиумите, нормално изјавите одат, стигнуваат до граѓаните и предизвикуваат уште поголема поларизација и недоверба на граѓаните во институциите во крајна линија. И потоа се чудиме зошто граѓаните не им веруваат на институциите, потенцира претседателката на ДОМ.

01.12.2022 - 09:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега