Министерството за образование и наука (МОН) најави засилени безбедносни мерки и поголем надзор во училиштата како одговор на неодамнешниот случај на врсничко насилство во општина Ѓорче Петров. Главната новина е враќањето на обврската за дежурства на наставниците за време на одморите.
Министерката Весна Јаневска информираше дека веќе се испратени дописи до сите градоначалници и училишта. Наместо ученици, во ходниците и дворовите сега ќе мора да дежураат наставници.
Целта на оваа мерка е наставниот кадар активно да ги следи случувањата во училишните простори и навремено да спречува евентуални инциденти меѓу учениците.
„Тоа што се случило надвор од училиштето не е оправдување. Тоа се ученици на одредено училиште и наставниците мора да имаат увид во тоа како се однесуваат нивните ученици, затоа што тоа е воспитно-образовен процес“, изјави министерката Јаневска.
Дополнително, дежурните наставници ќе мора да бидат на видно место, со цел Државниот просветен инспекторат да може полесно да врши контроли и да го констатира нивното присуство.
Јаневска потсети дека сите вклучени страни во образовниот процес мора строго да ги почитуваат законските прописи и прирачниците за справување со насилство.
„Градоначалникот, директорот и наставниците треба да си ги спроведат своите обврски така како што е пропишано. МОН го прави тоа што треба да го направи“, децидна е министерката.


