МОН: Околу 200 првачиња не следат настава зашто се невакцинирани

Според податоците што Министерството за образование и наука до петокот ги добило од терен од просветните инспектори и кои се досега обработени, околу 200 првачиња од целата држава не се запишани во учебната 2019/2020 година затоа што не се вакцинирани.

– Можеби ќе биде и поголем бројот, но поентата не е тоа. И за едно дете да се работи, ние треба да делуваме како институции, но треба да го почитуваме Уставот, законите и решението на Уставниот суд, кој за ова прашање се огласил и го третирал со конкретни насоки. Се разгледуваат сите можни опции – и околу законскиот аспект, и околу бројот на незапишани на национално ниво. Податоците на кои се повикуваат родителите во врска со вакцинацијата, како и оние за досега незапишани првачиња ќе ги отворам на посебна седница на Владата, изјави министерот за образование и наука Арбер Адеми, одговарајќи на новинарски прашања пред состанокот на работната група за концептот за инклузивно образование.

Истакна дека имал неколку средби со родители на невакцинирани деца, во присуство и на други надлежни министри и на премиерот, и на тие средби ги разгледувале сите законски аспекти.

На прашање дали во меѓувреме, до конечната одлука, ќе се дозволи овие деца да посетуваат настава, Адеми одговори дека МОН е во постојана комуникација со Министерство за здравство и ја следат ситуацијата. Повтори дека за да се зголеми достапноста и опфатот на вакцинирани, овозможена беше и теренска вакцинација на децата.

Откако минатата зима се рашири заразата со мали сипаници, а во април беше прогласена и епидемија од морбили на национално ниво, беше одлучено градинките и училиштата да ги примаат само децата за кои ќе се  приложи вакцинален картон.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

22.10.2019 - 11:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега