МОН: Нашето работење е според правните прописи со кои се регулираат нашите институционални обврски и активности

Министерството за образование и наука ги цени резултатите од анализата на Центарот за граѓански комуникации во делот на транспарентноста на институциите на системот во делот на спроведувањето на постапките за јавни набавки и искористувањето на буџетските средства за 2017 година. Но, како институција сме должни да дадеме поширока слика на работата на МОН и да потенцираме дека во секој сегмент нашето работење е според правните прописи со кои се регулираат нашите институционални обврски и активности, соопштуваат оттаму.

„МОН е институција која со својот делокруг на активности ги засега сите граѓани и која на годишно ниво спроведува голем број постапки за јавни набавки за различни намени – изградби на училишни објекти и сали, реконструкции на училишни објекти и сали, изградби и реконструкции на студентски и ученички домови, обезбедување опрема за овие објекти, изградби и реконструкции на објекти во кои се реализира високообразовна дејност, набавка на учебници и дополнителни наставни материјали и сл. Дел од постапките се спроведување јавни набавки за обезбедување на неопходните услови за работа на самото министерство.

Како институција сме должни да ги почитуваме правните прописи со кои се регулираат нашите институционални обврски и активности, во кои влегуват и постапките за јавни набавки. Дека МОН ги почитува прописите констатира и потврдува интерната, но и државната ревизорска служба во своите ревизорски извештаи.

Анализата на Центарот за граѓански комуникации се однесува на 2017 година во која Министерството за образование и наука спроведе 44 постапки за јавни набавки преку Бирото за јавни набавки. Станува збор за релативно мала бројка на спроведени постапки, а воедно и реализацијата на годишниот план за јавни набавки е ниска, поради тоа што се работи за година во кој се случи промена на владиниот состав и период во кој се конституираше на нова раководна структура на институциите на системот.

Оценките од анализата се коректни за спомената календарска година. Сакаме да информираме дека на дел од нив, особено оние што се однесуваат на техничкиот аспект, како објава на склучените договори на интернет страницата на министерството, интензивно се работи со цел да се анулираат во целост. Иако објавата на договорите на интернет-страницата на институциите не е законска обврска (законот наложува објава на договорите на Електронскиот систем на јавни набавки), раководството на МОН ја воведе оваа практика во 2018 година.

Дополнително, постојат и нотирани информации кои не соодветствуваат со фактичката состојба, како на пример информацијата дека во Министерството за образование и наука нема воспоставен систем за следење на реализацијата на склучените договори. Напротив, во МОН постои систем кој функционира со доделување на овластувања на вработените за следење на договорите и тој се применува ефикасно.

И за останатите нотирани забелешки од Центарот за граѓански комуникации постојат соодветни појаснувања. Набавките на Министерството во кои е доставена само една понуда и склучени договори преку постапки за преговарање, произлегуваат од откупот на учебници за кои ексклузивните авторски права ги поседуваат одредени издавачки куќи, што како процес беше детално појаснет од актуелниот министер за образование на средба со новинари пред само неколку денови. Тоа е постапка што законски мора да се спроведува на тој начин и која произлегува од Законот за учебниците во основното и средно образование донесен во 2008 година.

Огласите за јавни набавки не се објавуваат на интернет страницата на МОН, туку согласно законот исклучиво на Електронскиот систем за јавни набавки и по потреба во Меѓународно службено гласило. Понатаму, по однос на подготовка на образложение на јавни набавки, истото согласно Законот за јавни набавки се изработува само за јавните набавки кои се спроведуваат по пат на преговарање.

Во однос на транспарентноста на институцијата и одговарањето на барањата за информации од јавен карактер, би сакале да потсетиме дека според индексот за активна транспарентност за 2018 година изработен од истата граѓанска организација – Центар за граѓански комуникации, Министерството за образование и наука заедно со Министерството за одбрана го зазедоа првото место на ранг-листата како институции со највисока активна транспарентност, што е мотив по кој продолжуваме да се водиме и во следниот период.

Актуелното раководство на Министерството за образование и наука ќе продолжи да се залага за унапредување на сите состојби и процеси што ги реализира оваа институција. Тоа подразбира и заложба за унапредување на кадровските капацитети во сите сектори и сегменти, како од квантитативен аспект, така и од аспект на соодветна обука и стручна надградба, бидејќи тоа е еден од основните предуслови за исполнување на визијата и мисијата на институцијата“ стои во соопштението од Министерство за образование и науки.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

15.02.2019 - 22:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега