„МојДДВ“ досега ја симнале 58 илјади корисници

 

Вкупно 57.973 корисници ја симнале апликацијата МојДДВ од веб-страницата на УЈП од нејзината промоција на 1 јули заклучно со утрово. Притоа, за истиот период прочитани се вкупно 433.204 сметки за остварен промет во вредност од околу 240.978.000 денари, со околу 7 милиони денари поврат на ДДВ или близу 120 илјади евра.

Како што истакна директорката на УЈП, Сања Лукаревска на денешната средба со новинарите, мерката веќе ги дава првите посакувани ефекти од нејзината примена во однос на издавањето фискални сметки и справувањето со сивата економија.

Единствен проблем, додаде таа, во моментов околу примената на апликацијата е што таа не може да ја симнат корисниците на „ајфон“. Во врска со ова, таа појасни дека уште на 25 мај годинава од страна на УЈП било контактирано претставништвото на „Епл стор“ за барање одобрение оваа апликација да биде ставена на нивниот сајт. Но, како што рече, заради мошне рестриктивните и строги правила на „Епл“, се одолговлекла оваа постапка и додаде оти се очекува во секој момент апликацијата МојДДВ да биде достапна и за корисниците на „ајфони“ на веб страната на „Епл стор“.

Поплаки од граѓаните до УЈП имало и за нејасни бар-кодови на сметките поради што било отежнато или невозможно нивно читање на апликацијата на мобилните телефони. Во овој случај, како што посочија од УЈП, веќе од страна на самите граѓани е извршен притисок врз големите маркети навремено да ги сервисираат нивните фискални апарати за да се избегнат вакви ситуации. Граѓаните кои имаат проблем со читање на бар-кодовите од фискалните сметки проблемот можат да го надминат ако ваквите сметки ги прочитаат на апаратите на киосците и бар-код читачите кои, велат, функционираат беспрекорно и многу подобро од читачите на телефоните, а постои и можност бар-кодовите на ваквите нечитливи сметки да се внесат рачно за што корисникот треба да се упати во некои од регионалните и подрачните канцеларии на УЈП.

Од УЈП посочуваат дека во изминативе неколку денови примиле и голем број пријави од граѓаните на линијата 198 за пријавување неправилности за тоа каде се не им се издаваат фискални сметки. За овие пријави од УЈП најавија дека ќе бидат испратени на терен нивни екипи за да се изврши проверка на работата на тие субјекти.

Во однос на безбедноста на апликацијата МојДДВ, од УЈП уверуваат дека безбедноста е на максимално ниво. Воедно се посочува дека доколку физичко лице се обиде да скенира сметка која е на име на фирма, на тоа физичко лице ќе му биде изречена глоба до 250 евра. Целта е, како што посочуваат, да се избегне двојното враќање на ДДВ.

Инаку, во првиот ден од пуштањето во употреба на апликацијата  МојДДВ таа била симната од 24.000 корисници. Во вториот ден апликацијата ја симнале 10.000 корисници, а очекувањата се  апликацијата да се користи од половина милион корисници.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

05.07.2019 - 13:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега