Бројот на загинати од силниот земјотрес што ја погоди западна Колумбија се искачи на 181, соопшти денеска асоцијацијата Asocapitales, сојуз на најголемите градови во земјата.

Најмалку 1.246 лица се повредени во земјотресот со магнитуда од 7,4 степени, еден од најсилните во последните децении. Се очекува бројот на загинати дополнително да расте додека спасувачките акции се во тек.

Околу 3.800 лица се пријавени како исчезнати на неофицијална платформа, пренесе ДПА.

Во погодениот регион во западна Колумбија околу епицентарот во близина на Сан Хосе дел Палмар, земјотресот предизвика бројни згради или целосно да се урнат или да претрпат оштетувања. Се верува дека сè уште има луѓе заглавени под урнатините.

Само во градот Кали, кој се наоѓа на југ, 188 лица беа пријавени како исчезнати, изјави на местото на настанот новиот претседател Абелардо де ла Есприела. „Тука сега ќе бидат насочени сите наши напори“, рече тој.

Asocapitales го процени бројот на загинати во Кали на 85. Три болници и околу 40 згради целосно се урнале, изјави Де ла Есприела.

Покрај Кали, тешко погодени беа и градовите Переира и Манисалес. Само Переира забележа 66 смртни случаи според најновите податоци од градската администрација.

Уште 11 лица беа пријавени како исчезнати, додека за 53 се веруваше дека се заглавени под урнатините, според објава на платформата Икс. Педесет и осум згради целосно се урнале.

Операциите на аеродромот во градот исто така беа ограничени. Владата и локалните власти ги мобилизираа сите достапни ресурси и работеа заедно и покрај политичките разлики, изјави Де ла Есприела.

Земјотресот се случи вчера во 7:34 часот наутро по локално време во близина на Сан Хосе дел Палмар во западниот регион Чоко, на длабочина од околу 103 километри.

Последователно беа регистрирани бројни секундарни потреси. Потресите беа почувствувани и во Богота, подалеку на исток, како и во градовите Медељин, Попајан и Арменија. Извештаите велат дека земјотресот бил почувствуван и во Еквадор, Венецуела и Панама.

Exit mobile version