ММФ ја зголеми прогнозата за раст на македонската економија на 3,5 отсто во 2026 година, од претходно очекуваните 3,1 процент. За следната година, Фондот предвидува економски раст од 3,2 отсто.

Според најновите проекции, Македонија годинава ќе биде меѓу земјите со повисок очекуван економски раст во регионот, заедно со Албанија и Косово, за кои исто така се прогнозира раст од 3,5 проценти. За Србија се очекува раст од 3,2 отсто, за Црна Гора 3 проценти, за Бугарија 2,6, за Босна и Херцеговина 2,3, за Хрватска 2,2, а за Грција 1,8 проценти.

Позитивна ревизија на прогнозата за македонската економија неодамна направи и Светската банка, која ги зголеми очекувањата за растот во 2026 година од 2,9 на 3,2 проценти. Како еден од главните двигатели на економската активност ги посочи инфраструктурните проекти. За 2027 и 2028 година, Светската банка очекува раст од по 3 проценти.

Во октомврискиот извештај за глобалните економски перспективи, ММФ ја зголеми и прогнозата за раст на светската економија во 2026 година на 3,1 отсто, наспроти претходно предвидените 3 проценти. Сепак, Фондот предупредува дека глобалниот раст и натаму ќе биде релативно слаб, особено поради неизвесноста на енергетските пазари и промените во светската економија.

За американската економија се предвидува раст од 2,3 проценти и во 2026 и во 2027 година. Во исто време, ММФ очекува значително поскапување на нафтата, со просечна цена од 96 долари за барел во текот на годинава, што би можело да придонесе за зголемување на глобалната инфлација на 4,7 проценти, во споредба со 4,1 отсто во 2025 година.

Извештајот се осврнува и на влијанието на вештачката интелигенција врз економијата и пазарот на трудот. Според ММФ, развојот на оваа технологија може да ги ублажи дел од негативните последици од повисоките цени на енергенсите, но придобивките нема да бидат еднакви во сите земји и сектори. Фондот предупредува дека промените на пазарот на трудот ќе се одвиваат постепено, но со значителни последици.

Проекциите се објавени во пресрет на есенските средби на ММФ и Светската банка во Бангкок, Тајланд, каде што претставници на централните банки и министерствата за финансии ќе разговараат за глобалниот економски раст, инфлацијата и финансиската стабилност.

Exit mobile version