Мизрахи повторно ги назначи кадрите на ВМРО-ДПМНЕ за директори на социјалните центри

Иако Владата ја поништи одлуката, техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, попладневно околу 17 часот повторно ги назначила истите директори на центрите за социјална работа во Валандово, Битола, Гостивар, Радовиш, Пробиштип, Штип и во Прилеп, дознава „А1он“.

Таа без потпис од  дополнителната заменичка – министерка Санела Шкријељ, по електронска пошта испратила допис во кој по вторпат ги разрешува старите в.д. директори поставени од поранешната министерка Мила Царовска и донела одлука за назначување нови.

Станува збор за истите директори за кои претходно се пишуваше, Анета Томева, е поставена за директор на Центарот за социјални работи во Штип. Таа е роднина на Соња Тарчуловска, сопругата на Јохан Тарчуловски од ВМРО-ДПМНЕ.

 За директор на Центарот за социјални работи во Валандово, Мизрахи го именувала Драги Ѓеоргиев, исто така кадар од опозициската партија. Со Центарот за социјални работи во Штип треба да директорува Дејан Здравков, човек за кој од социјалните мрежи може да се види дека е кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Со Центарот за социјални работи во Прилеп, според Мизрахи, треба да раководи Зоран Малкоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Овие решенија Мизрахи ги правда со тоа што претходно назначените директори „биле вршители на должност спротивно на тогаш важечкиот член 187 став 2 од  Законот за социјална заштита“.

„СДСМ во недостаток на стручни и компетентни кадри, именувал едни исти несоодветни  в.д директори и по неколку пати иако член 187 став 1 од Законот за социјална заштита не го дозволува тоа“, стоеше во вчерашното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, во кое беше најавена тужба против поранешната министерка за труд Мила Царовска за злоупотреба на службата.

Дополнителната заменичка – министерка Шкријељ пред неколку дена изјави дека „Мизрахи преку обидот за разрешување на неколку в.д. директори директно сака да ги партизира Центрите за социјални работи и предизборно да купува гласови за ВМРО-ДПМНЕ од најранливите“.

До кога ќе трае ова разрешување на старите, именување на нови, па повторно враќање на старите директори на шесте социјални центри останува неизвесно, но најверојатно повторно на владина седница ќе бидат поништени овие одлуки на Мизрахи со оглед на тоа што се донесени без врзан потпис од нејзината заменичка.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

24.01.2020 - 11:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега