Митрополит г. Петар: МПЦ го доби 16-годишниот судски спор за црковен имот во Австралија

Македонската православна црква-МПЦ го доби и со тоа заврши 16-годишниот судски спор што водеше пред австралиските судови, а во врска со имотот на црквата „Св. Петка“ во Австралија.

На денешната прес-конференција во Битола митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар истакна дека Врховниот Суд на Нов Јужен Велс донел одлука со која е завршено судењето во врска со имотот на црквата „Св.Петка“ првично регистриран како имот на МПЦ, а подоцна без знаење и без одобрение на црковните власти бил пререгистриран од инкорпорирана компанија, односно Асоцијацијата македонска православна заедница црква „Св.Петка“.

- Голготскиот судски процес траеше 16 години и во тој период ние упорно докажувавме дека имотот од секогаш бил купуван и создаван за целите на МПЦ, а не за компанија. Трите пресуди на тројца различни судии се потврдени со што заврши 16 годишниот судски спор што се водеше за имотот на црквата „Св.Петка“  која сега е под управа на МПЦ. Со оваа одлука всушност завршени се сите судски спорови водени во судовите во Австралија, посочи митрополитот г. Петар на денешната средба со новинарите во Битола.

Црковниот живот во црквата „Св.Петка“ во Австралија продолжува со одржување на општинско црковно собрание на кое ќе бидат избрани нови легитимни органи согласно правилата на МПЦ, најави митрополитот г. Петар.

- На општинското црковно собрание ќе учествуваат само верници кои ги исполнуваат условите да бидат верници, кои се наоѓаат на списокот на парохискиот свештеник и ги почитуваат црковните закони. За жал досега списокот на членови беше затворен, но сега членството се отвора и од новото собрание ќе се избере нова Управа и нов црковен одбор кој ќе управува со црквата. Со овие одлуки, јас како архиереј повеќе немам никаква забрана и ние можеме непречено да раководиме согласно црковните закони, истакна г. Петар.

Долгогодишниот судски спор кој 16 години го водеше Македонската православна црква против инкорпорираната Асоцијација македонска православна заедница - црква „Св.Петка“ во Австралија која претходно се именувала и како македонска православна црковна општина - црква „Св.Петка“ предизвика голема духовна штета за верниците и црквата, и за жал овој судски случај влезе во аналите на австралиското судство и се изучува во правните науки во Квинсланд како знаење и искуство за идните адвокати и победа на правото, истакна митрополитот  преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар на денешната прес-конференција во Битола

најчитано сега