Портпаролка на Владата, Марија Митева, денеска на својата прва прес-конференција информираше за успешната реализација на мерката за доделување ваучери за електронски уреди за студентите.
Според последните податоци, заклучно со вчерашниот ден:
- Доделени се вкупно 33.682 ваучери, секој во вредност од 15.300 денари.
- 11.500 студенти веќе успешно го реализирале ваучерот и подигнале нов електронски уред.
„Овие бројки јасно покажуваат дека интересот е огромен, имплементацијата стабилна, а мерката создава вистински резултати“, истакна Митева.
Успешната реализација, според портпаролката, е резултат на прецизно и навремено планирање и силна координација меѓу Генералниот секретаријат на Владата, Министерството за дигитална трансформација и Министерството за образование и наука. Ова овозможило брза организација, јасни критериуми и технички усогласен систем за доделување на ваучерите.
Митева нагласи дека Владата ќе продолжи да ја следи реализацијата и да работи на нови политики насочени кон дигитализација и модернизација на образованието.

