„Ние работиме на една интеграција во ЕУ со идентитет и интегритет и многу пати тоа сме го повториле. Позициите се нарушени изминатите седум години до степен да многу работа е потребно на таа тема, така што ценам дека целата дипломатска офанзива којашто ја имаме во рамки на Владата и којашто го води овој процес ќе успее да доведе до помрднување и подобри состојби од она што го имаме“, истакна Марија Митева, портпарол на Влада и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на телевизија 24 во емисијата „Анализа“.
Во однос на решавањето на спорот со Бугарија, Митева нагласи дека потребен е дијалог во насока на решавање на состојбата.
„Цениме дека за оваа состојба проблемот е на маса. Имаме две можности. Едниот е да го игнорираме и да се фокусираме на она што е само домашна задача. Другата можност којашто ја имаме е да навистина отвориме дијалог и да ги презентираме позициите, пред сè на македонскиот народ и на она што сметаме дека е нанесена неправда“, истакна портпаролката на Владата, Митева.
Митева говореше за важноста на евроинтеграциите, додаде дека Владата работи на интеграција во ЕУ со заштитени македонски национални интереси и останува отворена за вистинска дипломатија.
„Ценам дека треба да продолжиме да си ја завршиме домашната задача, во однос на реформска агенда и сметам дека во оваа ситуација и во однос на позициите коишто ги има Бугарија по однос на Бугарите во Устав или повторно вето и останатите барања коишто се од нивна страна, некако мислам дека на Македонија и е доста време во чекалната“, децидна е Митева.