Mитева: Платите се ниски, а трошоците за живот превисоки

 

На партиска анкета на над 50.000 граѓани, 94 отсто потврдиле дека со исти пари купуваат двојно помалку од лани. Ова го истакна на прес-конференција, портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Опозициската партија ги добива одговорите од трите анкетни прашалници кои биле доставени до граѓаните на клучни места со најголема фреквенција – пред маркетите, пред институциите и пред патарините. Како што велат од партијата, станува збор за најголемата теренска анкета којашто некогаш е спроведена во земјата.

На прашањето дали со пазарењето граѓаните ги задоволиле своите егзистенцијални потреби на неделно ниво, 70 отсто одговориле дека воопшто не ги задоволиле, 17 делумно и 13 отсто целосно ги задоволиле своите потреби.

„Одговорот зошто резултатите на ова прашање се вакви го добиваме во одговорот на следното прашање. А тоа е која е причината поради која пазарите помалку. Фрапантни 85 отсто одговориле затоа што цените се поскапи, а трошоците за живот превисоки. 9 отсто одговориле дека пазарат исти количини, а 7 отсто одговориле дека имаат помали потреби во семејството. Потврда дека животот е сè полош со оваа власт е и одговорот на прашањето дали минатата година со истите пари граѓаните ја пополниле истата кошница каде 94% од граѓаните одговориле дека истата е за половина попразна“, рече Митева.

Портпаролката заклучи дека одговорите на овие анкетни прашалници уште еднаш потврдуваат дека платите се ниски, а трошоците за живот превисоки, и повика на протест на 18 јуни во 20 часот пред Владата.

16.06.2022 - 13:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега