Министерство за здравство: ВМРО-ДПМНЕ лажно обвинува за донација на лекови со краток рок

 

Министерството за здравство го демантира обвинувањето на ВМРО-ДПМНЕ  за донација на лекови со краток рок на употреба од невладина организација во сопственост на министерот за здравство Венко Филипче, отфрлајќи го како лажно тврдење и инсинуации на опозициската партија. 

- Ширењето лажни вести, лаги и пропаганда од страна на ВМРО-ДПМНЕ и нивните портали е со цел оцрнување на работата на министерот за здравство и обид за добивање ситни дневнополитички поени кои се загрижени поради успешно водење на здравството во Македонија во изминативе месеци, пишува во реакцијата.

Министерството посочува дека невладината организација PHM-CEE, од која дел е и министерот Филипче и која се спомнува во прес-конференцијата и од некои портали, е дел од голема граѓанска меѓународна организација, која не е во функција повеќе од една година.

Дополнително, се додава во реакцијата, груба шпекулација е дека сега или кога било во минатото биле донирани лекови и инсулин од страна на невладината организација PHM-CEE. Донацијата за инсулин која се спомнува на прес-конференцијата за овој период е директна донација од „Ново Нордиск“.

- Во врска со наводите за пречекорување на рокот на траење на инсулинот сакаме да потенцираме дека сите пациенти кои се на инсулинска терапија подигнуваат инсулинска терапија, која се троши за индивидуални цели и за период од 28-30 дена. Тоа значи дека сите пациенти кои заклучно со денешен датум ќе го подигнат инсулинот истиот ќе го употребат до 15 септември 2018 година. Одговорно тврдиме дека нема инсулин во Република Македонија кој е со краток рок. Апелираме и повикуваме, доколку пациентите кои се на инсулинска терапија имаат таков доказ дека им е издаден инсулин со краток рок, веднаш да реагираат во Министерство за здравство, наведува Министерството во соопштението.

Се појаснува дека инсулинот, кој е со рок на траење до 30 септември 2018 година е потрошен во јули. Од 15 август 2018 година веќе се обезбедени и се дистрибуираат инсулини „Новорапид“ со рок на траење повеќе од 12 месеци, а секој лот (серија) на сите видови инсулин е регистриран со количина и рок на траење.

- Вака изнесените невистини нанесуваат штета на Министерството за здравство и влијаат на пациентите, поради што го повикуваме портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски јавно да се извини. Во спротивно, Министерството за здравство ќе ги преземе сите расположливи правни инструменти согласно Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и останатите позитивно-правни прописи на Република Македонија, се наведува во реакцијата на Министерството за здравство.

 

 

 

18.08.2018 - 15:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега