Комисијата за стручен надзор, формирана од Министерството за здравство по повод смртта на новороденчето на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), констатираше дека медицинскиот персонал постапил согласно сите утврдени процедури. Според официјалното соопштение, реанимациската постапка е спроведена по протокол.

Надзорот, кој вклучувал увид во медицинската документација, изјави од персоналот и обдукцискиот наод, утврдил дека се работи за предвремено родено бебе со сериозни здравствени компликации, вклучително и тешка инфекција и респираторни проблеми.

И покрај итната антибиотска терапија и поставувањето на механичка вентилација по раѓањето, состојбата на новороденчето се влошила, што довело до фатален исход.

„Комисијата, по извршениот надзор и врз основа на целокупната медицинска документација, исказите на медицинскиот персонал и обдукцискиот наод, заклучи дека се работи за предвремено новороденче, со тешка конатална инфекција, респираторен дистрес и нарушена белодробна функција поради незрелото белодробие и инфламаторен процес во рамки на инфекција, со наод на спонтан, парцијален пнеумоторакс, радиолошки верифициран во првите часови по раѓањето“, соопшти ресорното Министерство.

Exit mobile version