Министерство за здравство: МРП вакцините се со важечки рок и проверен квалитет

После појавување на информации за пронаоѓање на нови вакцини со декларации со изминат рок, се јавија со соопштение од Министерството за здравство во кое укажуваат дека сите вакцини се со важечки рок и со проверен квалитет.

„Сите дози од МРП вакцината се со добар и проверен квалитет од реномираниот европски производител GlaxoSmithKline од Белгија. МРП вакцината е безбедна и произведена во Европската Унија. Има 2 сертификати, за квалитет од производителот и од контролна лабораторија. На секоја кутија вакцина и на секое шишенце вакцина има т.н воден жиг на кој стои дека се со важност до мај 2019 година, односно јули 2019 година. Ова е единствената потврда дека сите вакцини се апсолутно безбедни и со важечки рок.

Воедно ве информираме дека деновиве е направена внатрешна контрола во сите здравствени домови, при што е утврдено дека во вакциналните пунктови пронајдени се вкупно 635 кутии од МРП вакцината, на кои стојат погрешно залепени декларации. Залепените декларации биле од претходниот увоз, кои бил со важност до месец октомври 2018 година. Истите се пронајдени во ЗД Крушево, ЗД Струга, ЗД Велес, ЗД Демир Хисар, ЗД Крива Паланка, ЗД Вевчани, ЗД Охрид и ЗД Скопје.

Направен е и вонреден инспекциски надзор од страна на МАЛМЕД во Скопје. Во текот на утрешниот ден инспектори од МАЛМЕД ќе одат повторно на терен за да ги потврдат наодите каде е детектирано дека има од вакцините со погрешни декларации во вакциналните пунктови во остантите градови. По завршување на инспекцискиот надзор, ќе имаме повторна средба со МАЛМЕД по што ќе следи дополнително известување за медиумите.

На денешниот состанок на Комисијата за заразни заболуања, потврдивме дека денеска до 10 часот во Скопје се хоспитализирани 7+1 дете, вкупно 8 деца за едно деноноќие, сите деца се на возраст од 2 години и сите од населбата Ново Лисиче од Скопје и сите оделе во градинката „Сонце“.

За овие нови осум пријавени случаи, 5 се потврдени, а за 3 се чека лабаротиска потврда, но имаат јасна клиничка слика за морбили.

Досега се заболени вкупно 9 деца од оваа градинка, сите невакцинирани со МРП вакцината. Инаку во групата имало 28 деца сите невакцинирани. Од 16 декември до денеска 11 Јануари, има 23 пациенти хоспитализирани на инфективната Клиника во Скојпе, но за тројца од нив сеуште се чека лабараториска потврда, иако клиничката слика укажува на морбили.

Од овие 23 хоспитализирани 9 лица до денес се пуштени на домашно лекување, а 15 се уште се хоспитализирани со клиничка слика за морбили. На клиниката има 120 легла, но треба да се има в предвид, дека се хоспитализираат пациенти и со друга патологија .

Најмладиот пациент е бебе од 8 месеци, а најстариот има 43 години од Скопје и е мајка на едно од заболените деца. Најмногу заболени има во населбата Аеродром -Ново Лисиче вкупно 11 деца. Но, има уште 12 пациенти кои биле со полесна клиничка слика, амбулантски прегледани и тие се на домашно лекување, сите од Скопје.

Според податоците од Клиниката за инфективнби болести и фебрилни состојби, досега се прегледани околу 40 пациенти за кои имало соменение или се потврдило дека се заболени од морбили. Досега во сите вакцинални пунктови во Скопје до 13 часот се вакцинирани 1 847 лица, а само денес се вакцинирани се 116 деца.

Ги упатуваме сите родители кои се сомневаат дека детето има морбили, или тие самите можеби заболеле, од матичен лекар, да се упатат кон Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Пациентите се прифаќаат таму. Апелираме, сите деца кои не се вакцинирани, тоа да го направат пред да почне училишната година. Штом ќе заврши училишниот распуст, ќе има и теренска вакцинација по училиштата.

Вакцините кои се аплицираат во сите здравствени домови се со добар квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење.“, соопштуваат од министерството за здравство.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

11.01.2019 - 15:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега