Министерството за транспорт информира дека, во тесна координација со Европската комисија, се работи на трајно решение за статусот на македонските превозници во рамки на Шенген зоната. Ресорните министерства веќе подолго време се во интензивен дијалог со ЕК со цел да се изнајде одржливо решение што ќе ги заштити интересите на домашните превозници.

Според Министерството, во фокусот на разговорите е новата визна стратегија на Европската Унија, која предвидува можност возачите да бидат третирани како професионалци, како и разгледување на други видови визи кои би ја олесниле нивната работа во странство.

Исто така, е потврдено дека примената на ЕЕС системот ќе биде одложена, што дава дополнителен простор за пронаоѓање соодветно решение. Техничка работна група составена од претставници на сите релевантни ресорни министерства и на Европската комисија активно ги разгледува сите опции. Разговорите ќе продолжат со зголемена динамика во наредниот период, со цел да се постигне решение прифатливо за сите страни.

Министерството апелира до јавноста да не се потпира на шпекулации или непроверени информации, особено оние што доаѓаат од соседните земји, нагласувајќи дека секоја држава носи свои одлуки. „Македонија останува посветена на дијалогот за трајно решение“, се наведува во соопштението.

Exit mobile version