Министерот за правда, Јетон Шасивари, најави дека Министерството останува отворено за инклузивен дијалог со претставниците на правните факултети и студентите во врска со новите законски решенија за полагање на правосудниот испит, нагласувајќи дека целта е постигнување рамнотежа меѓу јазичните права и професионалните стандарди во правосудството.

Пред започнувањето на средбата, министерот истакна дека Владата има јасна определба за почитување и унапредување на јазичните права, додавајќи дека институциите имаат обврска да обезбедат еднакви можности во согласност со Уставот, законите и европските стандарди.

„Не сакаме законските решенија да се носат зад затворени врати, а студентите и факултетите да бидат ставени пред свршен чин. Сакаме процес во кој нивните забелешки, предлози и аргументи ќе имаат вистинска тежина“, порача Шасивари.

Предложените измени, според ресорното министерство, имаат за цел да воспостават јасна рамнотежа меѓу правото на образование и користењето на јазикот на кој кандидатот ги завршил правните студии, од една страна, и гарантирањето единствен, функционален и професионален правосуден систем, од друга страна.

Министерот информира дека на средбата ќе биде претставен предложениот модел и неговата правна основа, а со цел постигнување највисоки стандарди, најави и барање официјално мислење од Венецијанската комисија како реномирано европско советодавно тело за уставноправни прашања.

Exit mobile version