Министерот Сали: Никој не е безбеден се’ додека не се безбедни сите - помогнете
Министерот за здравство Беким Сали на својот фејсбук профил објави дека денеска го посетил ковид – центарот на Кожната клиника и на болните им посакал што побрзо закрепнување.
– Би сакал да истакнам дека сите капацитети се ставени во функција, а нашите здравствени работници го вложуваат сиот свој потенцијал за да им помогнат на болните. Посакувам сликите што ги гледаме од граѓани кои се борат со вирусот и последиците од него повеќе да не ги гледаме во иднина. Верувам дека сите граѓани не поддржуваат во ова. Сакам да испратам апел дека вакцинацијата е од несомнено големо значење во намалувањето на последиците од вирусот и заштитата на здравјето на населението. Вакцинирајте се! Токму со тоа и со следење на сите мерки на претпазливост, не само што ќе го намалите ширењето на вирусот, туку и ќе го намалите притисокот кон нашите здравствени работници кои неуморно работат за да не’ чуваат безбедни, напиша Сали.
Само обединети, посочува министерот, ќе го надминеме заедничкиот непријател – пандемијата.
– Вистината е едноставна: никој не е безбеден се’ додека не се безбедни сите. Помогнете, поддржете ја вакцинацијата, да го вратиме нашиот живот таков каков што сакаме да биде, напиша Сали.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа