Министерот Димитров на состанок на Северноатлантскиот совет

Министерот за надворешни работи Никола Димитров утре на покана на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ќе учествува на состанокот на Северноатлантскиот совет (НАК) во формат на шефови на дипломатии, што ќе биде прво учество на Република Македонија на едно заседание на Алијансата како полноправна земја членка на Северноатлантскиот пакт.

Како што соопшти Министерството за надворени работи, заради рестриктивните мерки воведени по пандемијата на коронавирусот, состанокот ќе се одржи преку електронски систем на видео конференција.

– По официјалното зачленување на Република Северна Македонија во НАТО на 27 март 2020 година и по церемониите на подигање на македонското знаме во седиштето и воените команди на НАТО, претстојниот состанок е прв работен настан на министерот Димитров каде активно ќе учествува во дискусијата по приоритетните прашања и активности на Алијансата, се наведува во соопштението.

Главна тема на агендата на утрешниот состанок ќе биде дискусијата за пандемијата на вирусот Ковид-19, во рамки на која се очекува министрите за надворешни работи да ги разгледаат можностите за преземање заеднички конкретни мерки и активности во справувањето со овој глобален предизвик.

– Од другите теми ќе бидат опфатени прашањата во врска со состојбите и ангажманите на Алијансата во Авганистан, пошироката област на Блискиот Исток и Северна Африка, а ќе бидат разгледани и можностите за конкретен придонес за подобрување на состојбите во Сирија. Предвидено е министрите за надворешни работи да одобрат и неколку усогласени документи во врска со темите што се предмет на дискусија во рамки на НАТО, се додава во соопштението.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

01.04.2020 - 14:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега