Mинистерка им се придружи на евакуираните во карантин

Министерката за здравство на Украина Зорјана Скалетска денеска им се придружи на евакуираните од Кина во болнички карантин во знак на солидарност по стравувањата дека евентуалното ширење на коронавирус ќе предизвика судири меѓу демонстрантите и полицијата.

Објавувајќи селфи на својата Фејсбук страна Скалетска рече дека ќе помине две недели во карантин, а своите должности ќе ги извршува преку телефон и скајп.

Сите во болницата се чувствуваат добро и никој не покажува знаци на инфекција, рече таа. „Конечно сум во просторијата каде ќе ги поминам следните две недели“, напиша таа.

Скалетска одлучи да им се придружи на луѓето во карантин, откако жителите на Нов Санжари, каде се наоѓа болницата, се судрија со полицијата, палеја гуми и фрлаа проектили кон конвојот автобуси со луѓе евакуирани од Кина.

И покрај повторените уверувања од властите, демонстрантите се загрижени дека може да се заразат со вирусот и сакаат евакуирани лица да бидат преместени.

Скалетска рече дека е вџашена од она што го опиша како паника и агресија кон евакуираните и се надева дека со личен пример ќе влијае врз луѓето да го променат својот став.

По повод овој настан разочараност изрази и украинскиот претседател Володомир Зеленски. Во нападот врз автобусите со Украинци евакуирани од Вухан повредени се деветмина полицајци и еден цивил.

– Постојано зборуваме дека Украина е Европа, но да бидам искрен, вчера, за жал, изгледавме како Европа од Средниот век. Да не заборавиме дека сите сме луѓе, а она што се случи не можам да го опишам како човечко однесување, истакна Зеленски.

Украинскиот премиер Олексиј Гончарук, од друга страна, оцени дека „војната со информации“ придонела за ширење на паника во земјата и недоверба поради коронавирусот.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

21.02.2020 - 19:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега