Милошоски најави можна поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за Максим Димитриевски во вториот изборен круг

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ во вечерашната дебата на „360 степени“ рече дека во вториот круг од локалните избори тие ќе се обидат да победат во општините во кои имаат свои кандидати, а онаму каде што немаат ќе поддржат некој од другите кандидати, а во тој контект како пример го наведе Куманово.

Во Куманово во вториот изборен круг останува актуелниот градоначалник Максим Димитриевски, кој на овие локални избори настапува како независен кандидат, а противкандидат во вториот круг му остана Оливер Илиевски, кандидиран од СДСМ.

„Ние во нашиот настап не гледаме да навредуваме други кандити или други политички партии, туку гледаме каде што можеме да победиме заедно со Алијанса за Албанците и Алтернатива. Но, таму каде што не сме во игра да дадеме поддршка на кандидати кои може да победат како што е случајот со Куманово. Ние таму не влеговме во вториот круг, но гледаме дека врз еден од кандидатите се врши полициски притисок и нашите симпатизери ни даваат препорака да покажеме солидарност и да му помогнеме на тој кандидат“, рече Милошоски.

Максим Димитриевски, кој освои најмногу гласови во првиот изборен круг, пред неколку дена се пожали на Фејсбук дека го запрела полиција и дека неговото возило, иако е ново, било испратено на технички преглед. Тој рече дека прво бил следен од полициско возило, а тројца униформирани полицајци, без никакво образложение, им барале документи на него и на возачот.

Од МВР се огласија со соопштение, во кое се нагласува дека е активирана внатрешната контрола за да се расчисти случајот, при што се истакнува и дека нема да се дозволи каков било притисок и злоупотреба на положбата.

 

22.10.2021 - 22:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега