Потпретседателот на Собрание на Република Северна Македонија, Антонијо Милошоски, денеска и утре ќе учествува на Конференцијата на претседатели на парламенти од Југоисточна Европа што ќе се одржи во Будимпешта, во организација на Национално собрание на Унгарија.

Како што информираат од Собранието, станува збор за традиционален меѓупарламентарен форум што се одржува од 2004/2005 година и претставува важна платформа за политички дијалог и продлабочување на парламентарната соработка во регионот. Главниот акцент е ставен на регионалната соработка, европската интеграција и заедничкото справување со актуелните политички, економски и безбедносни предизвици.

Во рамки на агендата, на 27 февруари ќе се одржи 12-тото издание на Конференцијата, на кое ќе учествуваат претседатели на парламенти и шефови на делегации од земјите од Југоисточна Европа, како и од државите на Вишеградската група. Првата сесија ќе биде посветена на состојбата со проширувањето во регионот, а втората на економските инвестиции и енергетското поврзување – нивните предизвици и можности.

Предвидени се обраќања на високи претставници од земјата домаќин, како и од претставници на Европската Унија и други меѓународни организации, по што ќе следуваат дискусии. Конференцијата ќе заврши со усвојување заедничка парламентарна декларација и одржување билатерални средби меѓу делегациите.

Собранието редовно зема учество на овој форум, кој се смета за значаен инструмент за унапредување на парламентарната дипломатија и за зацврстување на европската перспектива на регионот.

Exit mobile version