Мицковиќ: Законот за регулирање на сурогат мајчинството е премногу либерален

Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување, со кој се регулира сурогат мајчинството во Македонија, е премногу либерален и треба да претрпи измени, е заклучокот од денешната трибина „Сурогат мајчинство – биотехнички, правни и психолошки дилеми“ што беше организирана од страна на Центарот за интегративна биоетика, при Филозовскиот факултет во Скопје.

- Во основа ние имаме многу либерален закон што го легулира сурогат мајчинството и тој закон е спорен во повеќе сегменти. Прво, спорно е тоа што се предвидува договор за сурогат мајчинство да можат да склучуваат само брачни парови, за разлика од тоа во сите други ситуации во законт за биомедицинско потпомогнато оплодување се предвидува и вонбрачни партнери да можат да бидат корисници на вештачко оплодување, а и сами жени, истакна професорот Дејан Мицковиќ, заклучувајќи дека во законот постои еден вид на дискриминација.

Тој посочи дека спорно е и тоа што во постапката за сурогат мајчинство може да се користи и дониран ембрион, што значи дека ниту еден од родителите нема да има никаква генетска врска со детето.

- Спорно е и тоа што имаме одредена дискриминација помеѓу мажите и жените кај вештачкото оплодување, бидејќи сама жената може да се јави како корисник на биомедицинско потпомогнато оплодување, од друга страна мажот сам не може, нагласи Мицковиќ.

Професорот Дејан Донев ги запраша сите припаднички на женскиот пол – колку чини изнајмување на матка денес, со што отвори дилема, констатирајќи дека многу е тешко да се даде одговорот на таа „морална инвазија во интимноста на човекот“.

- Во Индија денес „се изнајмува матка“ за 5.000 евра, односно сурогат мајка, која најчесто е жена од руралните средини зафатени со сиромаштија, дали тоа не претставува злоупотреба, запраша Донев.

Професорката Ана Фрицханг посочи дека за сурогат мајчинството досега се направени многу малку истражувања, бидејќи темата е многу комплексна, како од психолошки, така и од етички и правен аспект.

- Според она што го имаат покажано досегашните истражувања, во сурогат мајчинството постои висок ризик од аспект на емоциите, како кај мајките, така и кај децата. Забележана е зголемена агресија кај децата кои се добиени по пат на сурогат мајчинство, наведе Фрицханг, заклучувајќи дека мора да се спроведуваат психолошки советувања и со сурогат мајката и со семејството кое ќе го земе детето, пред бременоста, за време на бременоста, како и шест месеци по завршувањето на постапката. 

Учесниците на трибината констатираа дека постојат многу дилеми во однос на сурогат мајчинството, поради што постојат и земји во кои е забрането. Заклучија дека во најскоро време треба да се работи на законските измени кои треба да се спроведат во законот за биомедицинско потпомогнато оплодување 

 

 

 

16.05.2018 - 15:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа