Премиерот Христијан Мицкоски вечерва ги отфрли обвинувањата на опозицијата во врска со користењето на владиниот авион за патувањето во Сплит. Во гостувањето во „Само интервју“ на ТВ Канал 5, тој истакна дека станува збор за ад хоминем напади од страна на опозиција која нема што друго да понуди.
Мицкоски појасни дека неговото семејство веќе било таму, а тој им се приклучил подоцна, по што се вратил пред нив со шефот на обезбедувањето. Како доказ за законското користење на воздухопловот, премиерот во емисијата покажа лист од официјалното барање за патувањето.
„Некаде треба да стигнете побргу и да се вратите побргу бидејќи имате обврски, а од друга страна имаме опозиција која е изгубена во своето политичко мочуриште. Повторно ни криви ни должни го мешаат моето семејство“, рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека опозицијата досега е неколкукратно осудена за клевета и дека во изминатите 20 месеци од нивна страна не слушнал ништо друго освен лични навреди и лаги.


