Мицкоски за „Политика“: Од ЕУ не очекувам чуда

Пред земјите од Западен Балкан претстојат сериозни предизвици, но мораме да покажеме мудрост и зрелост која ќе рефлектира визија и перспектива на регионот, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за денешниот број на белградскиот весник „Политика“.

– Верувам во нова заедничка иднина и заеднички патриотизам кој ќе не обедини во решавањето на заедничките проблеми, да се бориме за подобар стандард, за подобро образование и здравство. Да ги оставиме големите национални теми кои на Балканот никогаш не му донесоа добро, да се бориме за подобар живот, бидејќи само тоа може да донесе прогрес. Во тој контекст за поздравување е секоја иницијатива која ќе го акцелерира тој процес и ќе демонстрира зближување на народите. „Отворен Балкан“ во тој контекст е добра можност за продлабочена соработка, вели Мицкоски.

Тој нагласува дека на „Отворен Балкан“ не гледа како на замена за ЕУ, туку како на иницијатива што може да помогне во полесна комуникација на регионот и лидерите треба да се фокусираат на точките кои не поврзуваат, а не на тие кои не разединуваат.

– Да инвестираме во доверба и блиски контакти за да овозможиме регионот да се развива, да учествуваме во заеднички инфраструктурни проекти, но и почеста комуникација. Потребна е мудрост и разум, да не се произведуваат нетрпеливости, туку да произведуваме добра енергија. Бараме почит, но и даваме почит. Да ги затвориме неславните поглавја од нашата историја и да ги потенцираме точките на пријателство. И тука постои огромен потенцијал за работа. Ние мораме да ја завршиме таа работа, тоа пред се е наша задача, а не на Европската Унија, оценува Мицкоски.

Во однос на перспективите на земјите од регионот за членство во ЕУ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека напредокот треба да биде базиран на вредности и заслуги, но нагласува дека Балканот е заморен од лажни надежи и чекање.

– Не смее да се загуби достоинството во предолго чекање. Одговорноста за ова е на балканските лидери, но и на европските. Европската Унија мора да покаже флексибилност, а сите држави на Балканот треба да демонстрираат кооперативност во тој процес. Не смее да се злоупотребува правото на земји членки на вето кон државите кои реално заслужуваат прогрес, ниту пак да има победници и понижени. Секогаш кога на Балканот сме се вртеле кон минатото сме заглавувале, сега треба да гледаме кон иднината. Да направиме спротивно од се до сега, потенцира Мицкоски.

Осврнувајќи се бугарското вето за старт на преговорите на земјава со ЕУ, Мицкоски вели дека не очекува чуда, но оти очекува од секоја Влада на земјава да се грижи за стратешките интереси на државата и да го почитува она што беше изгласано од мнозинството пратеници во Собранието во Резолуцијата која ги штити и отсликува македонските црвени линии.

– Очекувам почит, бидејќи и даваме почит кон нашите соседи. И вој поглед секоја Влада треба приоритетно да се насочи кон решавање на домашните проблеми. Вистински загрижувачки е лошата економска состојба, отсуството на инвестиции, присуството на корупција. Дајте да ја завршиме домашната задача, а само така ќе ги одземеме аргументите на тие кои посакуваат кочење на европските интеграции. И не треба да заглавуваме во прашањата кои не разединуваат и создаваат конфликти, туку да работиме на нова иднина, нагласува Мицкоски.

16.11.2021 - 11:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега