Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја презентираше Националната стратегија за развој на ИКТ – „СМАРТ/МК 2030“, дефинирајќи ја како патоказ за модерна, паметна и ефикасна држава. Според премиерот, овој документ не е само воведување технологија, туку длабока промена во културата на институциите.
„Дигиталната држава е предуслов за владеење на правото. Кога процесите се дигитални, трагата е видлива, а одговорноста е јасна. Нема простор за злоупотреби, селективност или привилегии“, истакна Мицкоски.
Премиерот упати посебна благодарност до министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, за неговата визија во подготовката на овој стратешки документ кој треба да ја позиционира Македонија според европските дигитални стандарди.

