Мицкоски во посета на Делчево и Пехчево: Заев ветуваше живот, а донесе пекол

 

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера одржа средби со членството и граѓаните од Пијанечко-малешевскиот регион. На средбите се разговараше за актуелни прашања кои, како што рече Мицкоски, ги мачат граѓаните.

– Генерално иста е сликата насекаде низ Македонија. Траур, чемер и јад владее помеѓу граѓаните, многу неисполнети ветувања, многу нереализирани очекувања од страна на Владата на СДСМ. Луѓето се справуваат со сериозни проблеми, како да преживеат, со егзистенцијални проблеми во 21 век. Се ветуваше живот, а дојде пекол за граѓаните. Истото искуство ни го пренесуваат и земјоделците и младите од овој регион, така што ВМРО-ДПМНЕ со новата програма ќе понуди решенија за ваквите проблеми, рече Мицкоски.

Тој се осврна на, како што рече, споменатата теза за противниците против договорот со Република Грција, кои деновиве во неколку наврати беа спомнати дека сакаат да создадат раздорот меѓу народот.

– Нацијата е обединета пред капитулантскиот договор којшто Владата на СДСМ и Зоран Заев го потпишаа. Луѓето се обединети, исто така, во маката којашто значи егзистенција во нивното секојдневие, така што мислам дека единствен којшто се обидува да создаде раздор меѓу македонската нација е Зоран Заев. Тој ми делува како притиснат човек којшто знае дека ова што го прави е погрешно, но сепак мора да испорача нешто што во суштина и не може да го испорача, додаде Мицкоски.

Мотивиран од тие причини, како што истакна Мицкоски, повторно упатувам покана до премиерот Заев за ТВ дуел на кој ќе го искоментираме заедно договорот кој Владата го потпиша со Република Грција.

– Тоа ќе биде дуел на кој ќе поразговараме за животот на граѓаните на Република Македонија, за сите оние криминали, ветувања нереализирани очекувања, за сите оние скандали и злоупотреби на службената должност и покрај целокупната армадила која деновиве го величи ликот и делото на Зоран Заев. Еве му давам простор и време да одбере на кој медиум сака, да се соочиме за да можат граѓаните да ја слушнат вистината за Македонија, рече Мицкоски.

 

 

 

16.09.2018-11:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега