Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска упати порака по повод одбележувањето на денот на Струмичката петорка — Мирко Пецев, Ѓорги Јармов, Ѓорги Костуранов, Борис Белев и Стево Топчев.

Тој посочи дека овие пет струмички студенти останаа запишани во македонската историја како симбол на генерација што сонувала за слобода и достоинство.

На денешен ден, 13 август, се сеќаваме на Струмичката петорка Мирко Пецев, Ѓорги Јармов, Ѓорги Костуранов, Борис Белев и Стево Топчев. Пет млади животи, пет струмички студенти, кои останаа запишани во македонската историја како симбол на една генерација што сонувала за слобода, достоинство и иднина за својот народ – истакна Мицкоски.

Премиерот нагласи дека нивната трагична судбина претставува болна страница од историјата која носи обврска за градење подобра иднина.

Нивната трагична судбина е дел од болните страници на нашата историја. Денес, со почит и достоинство, се поклонуваме пред нивниот спомен и ја чуваме обврската да ги паметиме сите жртви од минатото, градејќи иднина во која почитта, правдата и човечкото достоинство ќе бидат темели на нашето општество – порача тој.

Мицкоски упати почит и до нивните семејства и до сите млади луѓе кои низ историјата носеле надеж за подобро утре.

Денес им оддаваме почит на нивните семејства, на нивниот спомен и на сите млади луѓе кои низ историјата ја носеле надежта за подобра иднина. Нека нивните имиња останат дел од нашето колективно паметење. Вечна им слава! – заклучи тој.

Exit mobile version