Премиерот Христијан Мицкоски денеска официјално го означи почетокот на тргувањето на „Пазарот во тековниот ден“ (Intraday Market), организиран од „МЕМО ДООЕЛ“ Скопје. Според премиерот, оваа платформа не е само техничка алатка, туку стратешки чекор кон европски усогласен енергетски сектор.
Мицкоски истакна дека во време на глобални енергетски предизвици, обврска на државата е да создаде систем кој ќе биде сигурен и конкурентен.
„Со оваа платформа добиваме поголема флексибилност во управувањето со електроенергетскиот систем, подобро балансирање и поефикасно користење на енергијата во реално време“, истакна премиерот.
Тој ја нагласи улогата на националниот оператор МЕМО, посочувајќи дека со воведувањето на овој тип тргување, институцијата потврдува дека е модерен и доверлив партнер на пазарот. Мицкоски додаде дека ваквите реформи се клучни за интеграција со европските пазари.
„Intraday Market претставува важен чекор кон интеграција со европските енергетски пазари. Тој ќе придонесе за поголема транспарентност, подобра ликвидност и поголема конкуренција на пазарот“, изјави Мицкоски.
Премиерот во својот говор подвлече дека крајната цел на Владата е државата да се позиционира како нето извозник на електрична енергија. Според него, оваа реформа е дел од пошироката визија за стабилен енергетски сектор кој создава сигурност за граѓаните и стопанството.
„Денес испраќаме порака дека се менуваме, се модернизираме и се движиме напред“, заклучи Мицкоски на официјалниот почеток на тргувањето во Скопје.


