Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, упати честитка до сите граѓани кои го прославуваат Божиќ според грегоријанскиот календар, посакувајќи им благосостојба, духовен мир и добро здравје. Во својата порака, премиерот повика на единство и меѓусебна поддршка за надминување на заедничките предизвици.
„Нека раѓањето на Спасителот ни донесе надеж, единство и топлина во срцата, особено во времиња кога ни е потребна заедничка сила и поддршка. Да подадеме рака кон нашите ближни и нашите сограѓани, без оглед на разликите, на оние на кои им е потребна нашата помош, на најранливите категории и на сите оние на кои се соочуваат со предизвици“, истакна Мицкоски.
Тој потенцираше дека е должност на оваа генерација да се избори за подобар живот и економски силна држава која ќе им овозможи на идните поколенија да останат во родната земја.
„Наша должност како генерација е да се бориме и со Божја промисла, да се избориме за подобар живот и подобра Македонија за сите нас како народ и за нашите идни поколенија кои доаѓаат. Да работиме посветено за да изградиме стабилна, економски силна и праведна држава, која ќе даде можност на сите за работа и среќен живот, тука во родната земја“, стои во честитката на премиерот, која завршува со поздравот „Христос се роди!“.

