Премиерот Христијан Мицкоски оствари билатерална средба со францускиот претседател Емануел Макрон, на која фокусот на разговорите бил ставен на евроинтеграциите и иднината на граѓаните од регионот.
Средбата доаѓа во период на засилени дипломатски активности на македонската Влада насочени кон обезбедување поширока меѓународна поддршка за клучните државни позиции.
Првиот човек на Владата ја потенцираше важноста на Франција во рамките на европското семејство, укажувајќи на потребата од директен и отворен дијалог со највлијателните европски лидери.
„Пријателска и срдечна средба со францускиот претседател Емануел Макрон. Разговаравме за регионот, за прашањата важни за иднината на нашите граѓани и за европските перспективи, теми на кои долго време работиме. Франција е една од највлијателните држави во Европа, па затоа е важно да се разговара отворено, директно и со јасно изразени очекувања. Нашата цел е да градиме пријателства, да отвораме врати и да обезбедиме поголемо разбирање и поддршка. Продолжуваме посветено и со јасна цел цврсто да чекориме напред.“
Од Владата најавуваат дека продолжуваат со преземање конкретни чекори во надворешната политика кои треба да овозможат побрз напредок на земјава во процесот на пристапување кон Европската унија.


