Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на официјалното пуштање во употреба на новата спортска сала „Расадник“ во општина Кисела Вода. Тој истакна дека со доаѓањето на летото се финишираат голем дел од започнатите проекти кои полека го добиваат заслужениот изглед.

Мицкоски потенцираше дека овој спортски објект располага со сериозен капацитет и нуди врвни услови за спорт и рекреација на младите.
„Еден од тие објекти е и оваа спортска сала, отприлика вака како што е конфигурирана е со капацитет од илјада гледачи. Гледате условите се навистина светски, европски. Можеби во моментот најсовремен ваков објект, од овој карактер на ниво на цела држава. Сигурен сум дека не само младите од Кисела Вода, туку и од градот Скопје, па и пошироко ќе спортуваат, ќе се натпреваруваат, ќе другаруваат и зашто да не се изродат европски и светски мега ѕвезди коишто се најголеми амбасадори на една држава“, изјави Мицкоски.
Премиерот упати благодарност до локалните власти и ресорното министерство за успешната координација при реализацијата на овој зафат.
Тој додаде дека поддршката за општините останува приоритет на централната власт со цел директно подобрување на секојдневието на граѓаните.