Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на 9 октомври ќе биде сослушан во судот во својство на законски застапник на партијата, по тужбата за клевета и навреда поднесена од поранешната јавна обвинителка Ленче Ристоска. Судската покана ќе биде доставена до седиштето на партијата, објави порталот 4news.mk.

Ристоска ја тужи партијата поради соопштение објавено во февруари минатата година, во кое таа беше наречена „партиска испостава на СДС и ДУИ“ и „симбол на моралниот пад на обвинителството“, со дополнителна квалификација дека „отсуството на срам е одлика на вакви луѓе“. Таа бара надомест на нематеријална штета во износ од 300.000 денари, односно по 150.000 денари за навреда и за клевета.

Во одговорот на тужбата, од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека соопштението отворало дебата за прашања од јавен интерес, кои се поврзани со бонусите и работењето на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО). Адвокатката на партијата, Ружица Николовска, оцени дека сослушувањето на Мицкоски е нецелисходно, но одлуката ја остави на судот.

Наспроти ова, адвокатот на тужителката, Лазе Сандев, истакна дека во случајов не станува збор за критика кон институција, туку за индивидуализирани и недокажани тврдења насочени директно кон Ристоска, која во тој период ги водеше предметите „Талир 1“ и „Талир 2“ токму против ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, Ристоска поднесе оставка од функцијата јавен обвинител по одземањето на предметите „Талир“. Таа претходно побара и заштита од Советот на јавни обвинители поради јавни изјави на Мицкоски, кој, без да ја именува, ја нарече „медиокритет“ и дел од „клиентелистичко-политичка матрица“. Советот тогаш оцени дека нема докази за притисок врз обвинителката.

Што се однесува до предметите „Талир“, тие и натаму се во судска постапка, при што еден од нив застарува во август годинава.

Exit mobile version