Мицкоски потврди - ќе присуствува на денешната лидерска средба

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев ги покани на средба денеска во 18 часот во Клубот на пратениците лидерите на политичките партии со повеќе од еден пратеник во Собранието. Се очекува на средбата да стане збор за надминување на разликите со опозицијата околу подготовките на референдумот за Договорот со Грција што треба да се одржи наесен. 

Како што објави телевизија Телма, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го потврдил своето присуство на лидерската средба.

Освен Мицскоски, своето присуство го потврдија и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, Петковски од НСДП кој на средбата ќе учествува со Горан Мисовски, потпретседател и пратеник од оваа партија, дел од коалицијата на СДСМ, Поповска од ДОМ која ќе дојде со пратеничката Маја Морачанин.

Премиерот Заев ја закажа лидерската средба откако, како што беше посочено, опозициската ВМРО-ДПМНЕ го блокираше процесот за избор на членови на Државната изборна комисија (ДИК), која треба да го организира референдумот за договорот за името со Грција. Владата вчера предложи, а Собранието ја изгласа потребата за носење на Изборен законик, по скратена постапка и со европско знаменце. Со него се предвидува составот на ДИК да се гласа со 61 глас, а се брише и ставот 3 од членот 27, Комисијата за прашања на изборите и именувањата да не го разгледува предлогот. Измените финално треба да бидат донесени по заседанието на Комисијата за европски прашања, за која нејзиниот претседател Артан Груби кажа дека се уште не се знае кога ќе биде закажана. Сепак, и Владата и Собранието оставија простор измените на Изборниот законик да не бидат донесени доколку се постигне компромис со опозицијата на денешната лидерска средба. 

 

 

 

18.07.2018 - 12:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега