Премиерот Христијан Мицкоски по завршувањето на денешната лидерска средба извести дека е постигнат висок степен на согласност меѓу присутните за укинување на техничката влада. Иако законот може да се смени со 61 глас, Мицкоски порача дека не сака решенија „на сила“ и му подаде рака на отсутниот СДСМ.
„За да излеземе од ќорсокак, го прифаќаме и овој компромис: Ако СДСМ мислат дека е неопходно да има техничка влада за следните избори, нека биде така. Но, да донесеме измени со кои кој и да победи на нив, техничката влада веќе никогаш нема да постои“, изјави Мицкоски.
Премиерот нагласи дека сите присутни лидери (ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“, ЗНАМ, Левица и ДУИ) се согласиле дека овој модел е преживеан, иако имало сугестија за дополнителна консултација со меѓународната заедница. „Треба да покажеме зрелост и сами да носиме одлуки“, заклучи тој.

