Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека по минатонеделниот бизнис форум во Истанбул, очекува неколку десетици потенцијални турски инвестиции да бидат реализирани во земјава.
Одговарајќи на новинарски прашања, претседателот на Владата посочи дека за време на разговорите, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган му пренел оти лично ќе се ангажира за зголемување на присуството на турскиот капитал во Македонија.
„Како резултат на бизнис-форумот, во периодот што следува очекувам неколку десетици потенцијални инвестиции што ќе се операционализираат. Претседателот Ердоган ми кажа дека лично ќе се заложи што поголем турски инвеститори да дојдат во Македонија, а наша задача е тоа да го препознаеме и да отвориме нови работните места и оние што се надвор од државата да се обидеме преку добро платените нови креирани работни места, да ги вратиме дома“, истакна Мицкоски.
Премиерот исто така се осврна и на новата инвестиција на компанијата „Џаво отомотив“ во ТИРЗ Тетово која беше најавена денеска. Тој децидно потврди дека овој економски проект со сигурност ќе се реализира на терен, додавајќи дека за таа намена веќе е потпишан и официјалниот договор за поддршка со Владата.


