Мицкоски: Патот до слободата е вечен, а тој пат го оди и нашата генерација- честит 11 октомври!

Денот на народното востание против фашистичкиот окупатор го продолжи стремежот на македонскиот народ за слободен живот и сопствена држава. На 11 Октомври македонскиот народ застана на вистинската страна на историјата, се спротивстави против теророт и застана страната на правдата, човечноста и слободата, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во честитката по повод 11 Октомври, Денот на народното востание.

Во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ, посочува тој, на сите граѓани им го честитам 11-ти Октомври, Денот на народното востание.

– Со народно ослободителната борба македонскиот народ го потврди континуитетот на борбата за државност и самостојност и ги реализира целите и идеалите на Илинденците, со што ги постави темелите на македонската држава. Со тоа се оствари и вековниот сон за кој животот го посветија и дадоа многу македонски херои. Патот по кој одеа нашите и дедовци и татковци, и дадоа жртва за остварување на идеалот за државност и слобода, не води и денес во остварување на подобра држава Македонија и подобра иднина за нас и нашите идни генерации, истакнува Мицкоски.

За жал, потенцира тој, денеска народот повторно е обесправен, а се тргува и со темелот на македонската држава и борбата на оние кои ни ја донесоа слободата и дадоа жртва борејќи се против неправдата.

– Денеска гледаме откажување и продажба на македонските национални и државни вредности додека врз народот се врши невидена тортура и реваншизам. Неправдите, сиромаштијата и криминалот се секојдневие во Македонија. Токму затоа денес повторно е неопходно да застанеме против неправдите и да се избориме против злото за да ја вратиме Македонија на вистинскиот пат, градејќи светла и сигурна европска иднина. Сите граѓани во Македонија го живееме истото секојдневие и затоа на 11 Октомври да се потсетиме на жртвата кои ја дадоа македонските херои и да го продолжиме нивниот идеал, да се избориме за правдата и за доброто на државата и идните генерации. Патот до слободата е вечен, а тој пат го оди и нашата генерација, стои во честитката на Мицкоски. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

11.10.2020 - 10:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа