Премиерот Христијан Мицкоски вечерва упати силни пораки од свечената академија по повод Денот на сесловенските просветители, која се одржува во црквата „Света Софија“ во Охрид.
Во своето обраќање на академијата насловена „Од слово до вечност“, премиерот потенцираше дека делото на Светите браќа Кирил и Методиј претставува темел на цивилизациската идеја за слобода на мислата.
„Во едно време кога заењето било привилегија на малкумина, тие испратиле порака која и денес е современа и моќна – дека секој народ има право на образование, култура и на свој јазик. Токму затоа нивното дело е поголемо од историски настан. Тоа е победа на светлината над темнината, победа на знаењето над покорувањето. Народ што не ја познава својата писменост и култура, лесно станува туѓ во сопственната историја. Тоа не е само историска поука, ова е и современо предупредување“, порача Мицкоски.
Претседателот на Владата се осврна и на современите предизвици, носени од брзиот технолошки напредок и процесите на глобализација.
Тој посочи дека во ерата на дигиталната технологија, на општеството му е потребно поквалитетно образование засновано на вистински вредности и карактер.
„Вистинското образување не е акумулација на информација, тоа е способност на човекот да разликува вистина од манипулација, вредност од привид. Образованието е најмоќното оружје со кое можеме да го промените светот, а и најсилниот штит со кој еден народ ја брани својата иднина“, истакна премиерот.


