Мицкоски: Најголемиот број од граѓаните не сакаат етнички тензии

 

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во гостувањето во вестите на „Алсат М“ телевизија говорејќи за десетте постулати со кои повика на заедништво и сплотеност истакна дека мнозинството од граѓаните сакаат подобар живот, повисоки плати, ред, а не етнички теми и тензии со кои СДСМ и ДУИ прават дефокус обидувајќи се да го заштитат криминалот.
 
„Десетте точки се резултат на истражувањата што ние ги правиме секој месец најмалку два пати и тоа е резултат на она што се очекувања на граѓаните од власта. Тука се опфатени и Македонци, и Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати. Овие десет постулати се резултат на тие истражувања, огромно мнозинство има потреба од позитивен исход по тие десет столбови во таа платформа.  За жал дел од политичките партии веднаш одбија, според мене неодговорно и незрело, а дел претпоставувам ќе се произнесат во периодот кој следи“, потенцираше премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски нагласи дека најголемиот дел од граѓаните, две третини не сакаат етнички конфликти, не сакаат етничка тензија, туку сакаат подобар живот, повеќе пари, повисоки плати, повисок стандард и ред, и тоа е дел од овие десет столбови.
„Има политичари и политички структури кои во отсуство на ваква понуда или немање желба да се признае што направи оваа влада во изминативе два месеци се обидуваат да направат дефокус со етнички теми, мислејќи дека на тој начин ќе мобилизираат поголема маса, за да може да го заштитат криминално стекнатиот имот“, посочи премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски порача дека треба да се работи за подобар стандард, за повисоки плати и пензии, за владеење на право и да има ред и поредок за сите, затоа што тоа е она кое го очекува огромно мнозинство.
 
„Јас морам да ја застапувам волјата на мнозинството и тоа е демократијата и во мнозинството има од сите етнички заедници и тие го кажуваат тоа што е содржано во тие 10 постулати“, изјави Мицкоски
10.09.2024 - 20:04

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега